Американскиот ракетен крстосувачки брод „USS Lake Erie“ во петокот навечер поминал низ Панамскиот канал од Пацификот кон Карибите, по распоредувањето на американски воени бродови блиску до венецуелската територија. САД наведоа дека операцијата е насочена против трговијата со дрога.
„Не знаев дека бродот ќе помине… Бев изненаден“, изјави за AFP здравствениот техничар Алфредо Седено, кој го фотографирал крстосувачот. „Lake Erie“ претходните два дена беше закотвен во пристаништето Родман на пацифичката страна на каналот.
Вашингтон го обвини венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека раководи со нарко-картел и ја удвои наградата за негово апсење на 50 милиони долари. Сепак, САД не изразија јавно закана за инвазија.
Во одговор, Венецуела распоредила 15.000 припадници на безбедносните сили на границата со Колумбија и најавила патролирање на територијалните води со дронови и воени бродови. Мадуро истакна дека мобилизирал над четири милиони припадници на милицијата, ветувајќи дека земјата е подготвена да го брани „мирот, суверенитетот и територијалниот интегритет“.







