Од почетокот на 2025 година, во Иран се извршени најмалку 841 погубување, соопштија Обединетите нации и упатија повик до Техеран да воведе мораториум на смртната казна.
„Само во јули иранските власти погубија 110 лица – повеќе од двојно во однос на истиот месец минатата година, што се надоврзува на значителниот пораст во првата половина од 2025“, изјави портпаролката на Високиот комесаријат за човекови права, Равина Шамдасани. Минатата година биле егзекутирани најмалку 975 лица.
Според неа, големиот број погубувања претставува „систематски образец на користење на смртната казна како средство за државно заплашување“, со несразмерно таргетирање на етнички малцинства и мигранти.
УН повикаа Иран да ја обустави примената на смртната казна „како чекор кон нејзино целосно укинување“.
Иранските власти дополнително го засилија притисокот врз неистомислениците по израелските напади во јуни, кога државните медиуми јавија за низа погубувања поврзани со обвиненија за шпионажа во корист на Израел.
„Обрасците што ги документиравме покажуваат дека во периоди на политичка нестабилност владите се уште помалку толерантни кон несогласување, што доведува до засилена репресија“, нагласи Шамдасани.







