ЕУ предупредува: Староста за многумина може да значи сиромаштија
Европа се соочува со сериозна демографска криза – за 40 години на еден пензионер ќе доаѓа само 1,5 вработен, што е двојно помалку од сегашниот однос. Тоа, според Европската агенција за осигурување и професионални пензии (EIOPA), ја доведува во прашање одржливоста на сегашните пензиски системи.
„Веќе денес секој петти Европеец е во ризик староста да ја помине во сиромаштија. Кај жените тој ризик е за 30% поголем“, изјави за Politico Петра Хиелкема, претседателка на агенцијата.
Посеверните земји се подобро подготвени, бидејќи покрај државните пензии имаат задолжителни фондови на работодавачите и дополнителни инвестициони производи. Наспроти тоа, во Источна и Јужна Европа пензиите се пониски, а граѓаните често немаат целосен преглед на своите права.
Европската комисија најави пакет препораки за зголемување на личната штедна култура. Главната идеја е автоматско вклучување на вработените во професионални пензиски фондови, со можност за доброволно откажување, по моделот на Велика Британија, Полска и Италија. Целта е да се поттикне индивидуална штедна заштита и да се создадат дополнителни извори на финансирање за идните пензионери.







