Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за прв пат јавно изјави дека го признава геноцидот извршен од Отоманската империја врз Ерменците, Асирците и Грците на почетокот на 20 век, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Во гостувањето во подкастот на Патрик Бет-Дејвид, Нетанјаху беше запрашан зошто Израел досега официјално не го признал ерменскиот геноцид. Тој одговори дека, според него, признавањето веќе било направено.
„Мислам дека го признавме. Верувам дека Кнесетот усвои резолуција во таа насока“, изјави Нетанјаху, иако таков закон всушност не е донесен.
На дополнителното прашање зошто ниту еден израелски премиер претходно не го сторил тоа, Нетанјаху рече: „Јас токму сега го направив. Еве.“
Досега Израел избегнуваше официјално признавање на ерменскиот геноцид поради страв од нарушување на односите со Турција – наследничката држава на Отоманската империја, која и понатаму категорично го негира.
„Тајмс оф Израел“ потсетува дека израелско-турските односи се на најниско ниво во последните децении, со речиси прекинати дипломатски врски, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган често го споредува Израел со нацистите во контекст на војната во Газа.







