Полска не го блокира финансирањето на Starlink за Украина
Ветото на полскиот претседател Карол Навроцки на законот за помош на Украинците во Полска нема да го запре финансирањето на интернет-врската Starlink за Украина, изјави денеска шефот на кабинетот на претседателот, Збигњев Богуцки.
„Ветото на претседателот Навроцки нема да ја исклучи Starlink интернет-врската во Украина, бидејќи трошоците за оваа услуга се покриваат врз основа на постоечките законски одредби, а предлог-законот што го поднесе претседателот во Сејмот го одржува ова“, истакна Богуцки на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека истото важи и за поддршката за складирање на податоците на украинската влада на безбедна локација.
Претходно, Навроцки стави вето на законот за помош на Украинците во Полска, наведувајќи дека финансиската поддршка треба да им се обезбеди само на украинските државјани кои се обврзуваат да работат во Полска.






