Централна Словенија и главниот град Љубљана беа зафатени од силна бура проследена со разурнувачки град, пренесуваат словенечките медиуми. Најпогодени се областа Врхника и делот од Лог при Брезовици до населбата Бевке.
Според порталот Neurje.si, невремето започнало во сабота попладне, а силните ветрови корнеле покриви и кршеле дрвја. Порталот Метеоинфо Словенија објави дека на поедини места паднала толкава количина град со големина на орев, што жителите биле приморани да го расчистуваат со лопати.
Се верува дека бурата предизвикала и сериозни штети врз земјоделските парцели. Словенечката хидрометеоролошка служба најави стабилизација на времето, со сончев ден и температури од 7 до 16 степени Целзиусови.






