Петмина елитни руски нуркачи загинале во Новоросијскиот залив откако украински воен дрон на брод експлодирал при обид тие да го преземат, објави „Украинска правда“ повикувајќи се на военото разузнавање на Украина (ХУР).
Според информациите, дронот изгубил контакт со контролниот центар и започнал да лебди во морето. Руската команда испратила тим извидувачи–нуркачи од специјалните единици да го извлечат за инспекција. При обидот да го преземат, се активирала експлозивната направа, што довело до нивна смрт.
ХУР посочува дека загинатите биле дел од елитна единица со највисоко ниво на обука, напредна опрема и значително финансирање.
Иако точниот датум на настанот не е познат, се истакнува дека Новоросијск е клучно пристаниште за руската Црноморска флота поради украинските напади на Крим, кои ја принудија Москва да префрли дел од поморските сили во овој регион.






