Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина мора да премине од одбранбени операции кон офанзивни напади за да изврши притисок врз Русија и да го приближи крајот на војната.
„Оваа војна мора да заврши, а ние мора да извршиме притисок врз Русија. Путин не разбира ништо освен сила и притисок,“ рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
Изјавата доаѓа по коментарот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој преку својата мрежа Truth Social порача дека е „многу тешко, ако не и невозможно, да се добие војна без напад врз земјата агресор“.
Украинските сили овие денови започнаа нови офанзивни операции во регионот Суми и во близина на градот Покровск, каде што се водат жестоки борби. Началникот на Генералштабот на Украина, Олександр Сирски, соопшти дека се освоени шест населени места и уништени стотици руски војници, иако овие информации засега не може независно да се потврдат.
Покрај воените акции, Зеленски нагласи дека Киев останува посветен и на дипломатските напори за постигнување мир, истакнувајќи дека Украина е во постојан контакт со меѓународните партнери за обезбедување безбедносни гаранции.
Во меѓувреме, Русија лансираше нов силен бран ракетни и дрон напади врз Украина, со што судирите на фронтот дополнително се интензивираа.






