Украина повторно ја нападна најголемата руска пумпна станица за нафта во градот Унеча, Брјанска област – дел од нафтоводот „Дружба“. Информацијата ја потврди Роберт Бровди, командант на украинските Сили за беспилотни системи, кој објави и видео од пожарот.
Нападот бил изведен со дронови од 14. полк, а според Бровди, „UNECHA NPS – заврши во пепел“. Постројката, сместена на 40 километри од украинската граница, е дел од систем долг 9.000 километри кој снабдува руски воено-индустриски капацитети и е клучна извозна рута за Москва.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто соопшти дека „снабдувањето на Унгарија со сурова нафта повторно е запрено“, нарекувајќи го ударот „нов напад врз енергетската безбедност“ и обид земјата да се вовлече во војната.
Ова е втор напад врз станицата за краток период – претходно, на 13 август, украински дронови предизвикаа серија експлозии и голем пожар.
Според украинскиот Генералштаб, ударите врз руските компании и инфраструктура во 2025 година предизвикале штети од 74,11 милијарди долари, што е околу 4% од БДП. Речиси 80% од метите биле нафтени и гасни капацитети – рафинерии, складишта и логистички центри како Унеча.







