Австрискиот пазар на трудот се соочува со сериозен недостиг од квалификувани работници, и покрај тоа што дел од компаниите нудат плати и над 5.000 евра месечно.
Основачот и директор на компанијата за сајбер безбедност Spixnet, Мануел Лов-Бир, вели дека сè потешко наоѓа соодветни кандидати за работа. „Бараме двајца или тројца добри програмери, по можност за работа од дома. Платата е повеќе од 5.000 евра месечно, но сепак нема доволно пријавени кандидати“, изјави тој за Houte.
Како што посочува, проблемот е во квалитетот на пријавените. „Деведесет проценти од кандидатите користат само ChatGPT, што резултира со неисправен код. Нам ни се потребни луѓе кои знаат Java, Python, работа со векторски бази и правилно поставување сервери, а такви речиси и да нема“, објаснува Лов-Бир.
Тој додава дека некои кандидати бараат и нереално високи износи. „Еден студент кој штотуку заврши факултет рече дека не би започнал со помалку од 70.000 евра годишно, па дури посака и 105.000 евра. Тоа е невозможно за стартап компанија“, вели Лов-Бир.
И покрај предизвиците, Spixnet продолжува да развива специјализирани решенија за сајбер безбедност, особено во областа на заштита на електронска пошта.






