Зеленски: Подготвен сум за средба со Путин, но прво ни требаат безбедносни гаранции
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин, но само откако Киев ќе добие јасни безбедносни гаранции.
Како можни локации ги посочи Швајцарија, Австрија и Турција, нагласувајќи дека Украина нема ништо против Турција како членка на НАТО и дел од Европа. Според Зеленски, Киев очекува во рок од седум до десет дена да добие појасна слика за гаранциите, а изрази и надеж за евентуален трилатерален состанок со американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој го повика Вашингтон на „силна реакција“ доколку Москва одбие директни преговори. Како што додаде, сè уште не е јасно на какви територијални отстапки би била подготвена Русија, додека Будимпешта ја оцени како „предизвикувачка“ локација за средба.
Зеленски, воедно, соопшти дека во руски напад врз американска цивилна компанија во Закарпатје биле повредени 15 лица, нагласувајќи дека „нема сигнал од Москва за вистинска подготвеност за сериозни преговори и прекин на војната“.
„Потребен е притисок – силни санкции и високи царини“, порача украинскиот претседател.






