Грција не планира да испрати свои војници во Украина, изјави портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, во интервју за телевизијата „Скај“. Тој појасни дека можноста за испраќање мировни сили е тема што се однесува на следната фаза од разговорите за безбедносните гаранции и дека е сè уште рано да се зборува за конкретни детали.
„Да видиме како ќе напредуваат разговорите, па потоа ќе можеме да одлучиме како ќе придонесеме, но сигурно не на ниво на кое се дискутира со воени сили“, изјави Маринакис.
Во однос на ситуацијата во Украина, тој ја повтори пораката на грчкиот премиер дека е потребен итен прекин на огнот и истакна дека клучна е волјата и на САД и на ЕУ за обезбедување безбедносни гаранции.
Маринакис нагласи дека „Грција е суверена држава, која го почитува меѓународното право и нема да отстапи од својот став за неповредливост на границите“.







