Лавров: Крим и Донбас никогаш не биле наша цел
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва никогаш немала намера да зазема украински територии, туку сакала да го заштити рускиот народ.
„Никогаш не сме рекле дека треба да заземеме одредени територии. Ниту Крим, ниту Донбас, ниту Новорусија биле наша цел“, рече Лавров во интервју за државната телевизија.
Тој додаде дека Русија отсекогаш настојувала да ги заштити руските заедници кои живеат на тие простори со векови, обвинувајќи ја Украина дека под Зеленски усвоила закони насочени кон ограничување на правата на руските говорници.
Изјавата доаѓа во период на засилена дипломатија. На 15 август се одржа средба меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, а три дена подоцна американскиот претседател разговараше во Вашингтон со Зеленски и европските лидери.
Трамп изрази надеж за организирање американско-украинско-руски преговори наскоро, а Зеленски најави подготовки за средба со Путин. Германскиот канцелар Фридрих Мерц очекува таков состанок во наредните две недели, додека Ројтерс пренесе дека САД разгледуваат како можна локација Унгарија.







