Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, одобрил план за окупација на градот Газа, пренесуваат локалните медиуми.
Државниот сервис КАН објави дека Кац го нарекол планот „Гидеонова кочија Б“, по претходната операција „Гидеонова кочија“, копнена офанзива спроведена во мај со цел проширување на израелската контрола врз енклавата и целосна евакуација на Палестинците од северна Газа.
„Како дел од планот, ќе бидат издадени неопходните наредби за мобилизација на резервистите“, наведува КАН, без детали за точниот број војници.
Според телевизијата Канал 12, израелската армија веќе издала итни наредби за мобилизација, познати како „Наредба 8“, со што во наредните денови се очекува повик да добијат десетици илјади резервисти.
Началникот на генералштабот, Ејал Замир, во вторникот ги претстави фазите на планот, меѓу кои е и засилување на израелските сили во северниот дел на Појасот Газа.






