Елон Маск се откажува од создавање нова партија, ќе го поддржи Џеј Ди Венс
Милијардерот Елон Маск ги стопира плановите за формирање сопствена политичка партија и, според пишувањето на „Волстрит журнал“, на своите соработници им порачал дека сака да се фокусира на водењето на своите компании.
Маск во јули најави основање на „Американската партија“, по јавниот судир со претседателот Доналд Трамп околу законот за даночни олеснувања и државни расходи. Сепак, во меѓувреме се насочил кон зајакнување на односите со потпретседателот Џеј Ди Венс, со кој во повеќе наврати разговарал, оценувајќи дека создавање нова партија би можело да го наруши тој однос.
Најбогатиот човек во светот и неговите најблиски соработници на луѓе блиски до Венс им пренеле дека Маск размислува да искористи дел од своето богатство за да го поддржи доколку тој одлучи да се кандидира за претседател на САД во 2028 година.
Извршниот директор на „Тесла“ и „СпејсЕкс“ минатата година потроши речиси 300 милиони долари за поддршка на Трамп и на други републикански кандидати, со што изгради значително политичко влијание во првите недели од мандатот на Трамп и неговата новоформирана администрација за ефикасност (DOGE).
Венс, кој по јавниот судир меѓу Маск и Трамп повика на примирје, неодамна повторно ја истакна својата позиција и соопшти дека лично го убедувал Маск да се врати во редовите на Републиканската партија.
Во меѓувреме, акциите на „Тесла“ од почетокот на годината паднаа за повеќе од 18 проценти, откако компанијата во јули објави најслаб квартален резултат во продажбата во последната деценија и добивка под очекувањата на Волстрит, иако профитната маржа беше подобра од прогнозите. Маск предупреди дека компанијата ја очекуваат „неколку тешки квартали“, особено по укинувањето на федералната поддршка за електрични возила од страна на администрацијата на Трамп.
Инвеститорите се загрижени дали Маск ќе може да му посвети доволно време и внимание на „Тесла“, имајќи го предвид неговиот политички ангажман и судирот со Трамп.






