Велика Британија, Франција и Германија ќе испратат свои војници во Украина, но Хрватска останува на став дека нема да учествува во воената мисија, дознава „Јутарњи“.
Од хрватската Влада појаснија дека ставот на земјата е непроменет, и дека Хрватска не планира да испраќа свои војници во Украина, и покрај изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за испраќањето на трупите од трите најмоќни европски земји. Трамп изјави за Fox News дека Велика Британија, Франција и Германија ќе испратат трупи за да обезбедат мир, по вчерашните разговори со украинскиот претседател и европските лидери.
Хрватска е членка на „Коалицијата на доброволци“ — неформална група европски држави, заедно со Австралија, Канада и Нов Зеланд, кои се подготвени да соработуваат во мировни или политички мисии во Украина. Од Влада појаснија дека премиерот Андреј Пленковиќ на последниот состанок на Коалицијата, како и на самитот на Европскиот совет, ја застапувал линијата за „праведен и долготраен мир кој ќе ја заштити сувереноста и територијалниот интегритет на Украина“.
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, повтори дека Хрватска нема да учествува во туѓи војни. „Хрватска нема никакви обврски кои произлегуваат од политички или воени договори на земјите од Коалицијата на доброволци. Јас добив мандат од хрватскиот народ да го застапувам овој став и затоа повторувам: хрватските војници нема да учествуваат во туѓи војни“, истакна Милановиќ.
Премиерот Пленковиќ на тоа одговори дека „претседателот Милановиќ шири лаги тврдејќи дека хрватски војници ќе одат во Украина“. Тој нагласи дека тезата дека некој планира да испрати хрватски војници во Украина е неточна.







