Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимовски, изјави дека не очекува промена на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
„Јас не очекувам дека ќе има промена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи“, рече Бислимовски во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Тој информира дека оваа година во јуни ќе се распише тендер за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
„Тоа е отворен тендер, но вообичаено секогаш се јавува ЕСМ кој, факт е дека има далеку пониска цена од пазарната. Од најавите кои ги слушам, најверојатно ќе се оди со истата цена од 62 евра за мегават-час“, рече Бислимовски.
Дополнително, тој појасни дека од пред година и половина, цените за пренос и дистрибуција ќе се определуваат во ноември и декември.
„А кога ќе ги определиме нив, ќе мора да ја определиме цената на универзалниот снабдувач имајќи предвид дека и тогаш ќе се распишува тендер“, додаде тој.
Бислимовски посочи и дека во последните години ЕСМ започнал да увезува јаглен, што влијае на производната цена на компанијата.






