Следниот месец Европската унија ќе воведе нови мерки против воената економија на Русија и ќе донесе нов пакет санкции за Москва, објави на социјалната мрежа Х шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
Таа појасни дека одлуката е донесена по виртуелниот состанок на лидерите на европските земји, на кој главна тема била војната во Украина. Состанокот се одржа само еден ден по средбата во Вашингтон, каде европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа со американскиот претседател Доналд Трамп.
Калас нагласи дека европското единство е јасно и додаде дека безбедноста на Украина, како и санкциите кон Русија, ќе бидат меѓу клучните теми на претстојните состаноци на министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ, закажани за следната недела.







