Северна Кореја соопшти дека успешно тестирала ново оружје кое, според нивната државна новинска агенција KCNA, поседува „супериорна борбена способност“ и се базира на „уникатна технологија“. Детали не беа објавени, но Пјонгјанг тврди дека тестот докажал ефикасност во уништување на различни воздушни цели, меѓу кои беспилотни летала и крстосувачки ракети.
Лансирањето се случи во период на растечки тензии на Корејскиот Полуостров. Јужна Кореја само неколку часа претходно испука предупредувачки истрели кон севернокорејски војници кои ја преминаа Демилитаризираната зона (ДМЗ). Околу 30 војници накратко влегле во јужнокорејска територија, што предизвика размена на обвинувања – Сеул зборува за нарушување на границата, а Пјонгјанг за „намерна провокација“.
Ситуацијата дополнително ја заоструваат заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја кои траат од минатиот понеделник. И покрај најавите за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и новиот јужнокорејски лидер Ли Џе-Мјунг, сестрата на Ким Јонг-ун ги отфрли напорите за дијалог, а самиот Ким ги нарече вежбите „најнепријателски и најконфронтациски“.
Пјонгјанг во последните години интензивно ја развива својата нуклеарна програма, вклучувајќи тестови на балистички ракети со хиперсонични глави. Јужнокорејски извори изразуваат сомнеж дека Северна Кореја добива руска ракетна технологија во замена за поддршка на Москва во војната во Украина. Засега не е потврдено дали новите ракети содржат руски елементи.
Иако од Корејската војна во 1953 година минаа повеќе од седум децении, Северна и Јужна Кореја сè уште формално се во војна бидејќи мировен договор никогаш не бил потпишан.







