НАТО размислува за безбедносни гаранции за Украина по моделот на Член 5
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека членството на Украина во Алијансата засега не е тема на преговори, но дека се разгледува можноста за обезбедување безбедносни гаранции со функција слична на Член 5 од основачкиот договор.
„САД и уште неколку земји се противат на приемот на Украина. Сепак, официјалниот став на НАТО е дека земјата има неповратен пат кон членство“, рече Руте во интервју за Фокс њуз, пренесува Ројтерс.
Член 5 предвидува колективна одбрана – напад врз една членка се смета за напад врз сите 32 земји на Алијансата. Руте нагласи дека вакви гаранции може да бидат понудени како алтернатива за членство, кое Москва го одбива.
Тој потсети дека за Украина членството останува стратешка цел запишана во нејзиниот устав, но во моментов не се разговара за директна воена помош на терен.
Изјавата на Руте следува по средбата во Белата куќа меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот лидер Володимир Зеленски и европските челници, на која беа разгледувани можни безбедносни гаранции за Киев. Трамп ги опиша разговорите како „многу добри“ и најави подготовка на средба меѓу Путин и Зеленски.







