Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД веќе не ѝ испорачуваат оружје на Украина како помош, туку ѝ го продаваат.
„Ние повеќе не ѝ подаруваме оружје или пари на Украина. Сега го продаваме вооружувањето, а европските земји ги покриваат трошоците преку НАТО“, рече Рубио во интервју за Фокс њуз по разговорите во Белата куќа. Тој додаде дека Вашингтон тесно соработува со европските партнери и со други сојузници за обезбедување гаранции за безбедноста на Украина.
Претседателот Доналд Трамп во понеделник во Белата куќа одржа средба со украинскиот лидер Володимир Зеленски и со европските челници, на која се разговараше за идните безбедносни гаранции за Киев. Трамп најави дека ќе се разгледува и можноста за територијална размена, а потоа телефонски го информираше рускиот претседател Владимир Путин за исходот од состанокот.






