Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, порача дека хрватските војници нема да бидат вклучени во војни на други држави. Изјавата следи еден ден по учеството на премиерот Андреј Пленковиќ на видеоконференција на лидерите на „Коалицијата на подготвените“, која се одржа два дена по средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп на Алјаска, а пред денешниот состанок на европските лидери со Трамп во Вашингтон.
Пленковиќ истакна дека Хрватска ја поддржува постапката за постигнување праведен и одржлив мир кој го почитува меѓународното право и територијалниот интегритет на Украина, со долгорочни безбедносни гаранции.
Милановиќ нагласи дека обврските на Хрватска произлегуваат исклучиво од членството во ЕУ и НАТО, а не од „политички или воени договори на лидерите на земјите од Коалицијата на подготвените“. Тој додаде дека владата нема овластување да ја вклучи Хрватска во нови коалиции што би значеле учество на хрватски војници во војната во Украина. „Добив мандат од хрватските граѓани да го застапувам овој став и затоа повторувам: хрватски војници нема да учествуваат во туѓи војни“, порача Милановиќ.







