Швајцарски милионер се соочува со казна од 95.500 евра откако беше фатен како вози со 77 км/ч во зона со ограничување од 50 км/ч. Иако во повеќето земји вакво прекршување би чинело околу сто евра, во Швајцарија казните се пресметуваат според приходот на возачот.
Според весникот „24 часа“, возачот е меѓу 300-те најбогати лица во земјата, со богатство проценето на неколку стотици милиони франци, поради што судот му изрече казна од 90.000 швајцарски франци (околу 95.500 евра). Возачот мора веднаш да плати само 10.000 франци, додека преостанатите 80.000 франци се условни и ќе се наплатат само доколку повтори сериозен сообраќаен прекршок во следните три години.
За споредба, во Германија, за истото пречекорување максималната казна би била 843,50 евра. Швајцарија не е единствената земја што ги прилагодува казните според приходот – минатата година, еден Финец мораше да плати 121.000 евра за возење со 32 км/ч над дозволеното.
Во Швајцарија, износот на казната се определува не само според брзината на прекршувањето, туку и според салдото на банкарската сметка на возачот.






