Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на самитот во Алјаска дискутирале мировен предлог за Украина, кој предвидува Русија да се откаже од помали окупирани делови, додека Киев би отстапил поголеми територии на истокот што Москва не успеала да ги освои, јавуваат извори на Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре ќе патува во Вашингтон за разговори со Трамп за можен крај на војната која започна во февруари 2022 година. Трамп изјави дека самитот не резултирал со веднаш прекин на огнот, но дека се разговарало за територијални отстапки и безбедносни гаранции за Украина, додавајќи дека „во голема мера се согласиле“.
Според изворите, руската понуда предвидува Украина целосно да се повлече од Донецк и Луганск, додека Русија би замрзнала фронтовските линии во јужните региони Херсон и Запорожје. Во замена, Москва би била подготвена да врати помали делови од северна Суми и североисточен Харков, околу 440 квадратни километри. Путин, исто така, бара формално признавање на руската власт над Крим и укинување на дел од санкциите, како и блокирање на влезот на Украина во НАТО, со можни безбедносни гаранции.
Дополнително, Русија би сакала официјален статус на рускиот јазик во делови од Украина и право на Руската православна црква слободно да работи, што Киев го смета за проблематично поради поврзаноста на црквата со Москва.







