Виетнам денеска затвори неколку аеродроми и започна масовна евакуација на илјадници луѓе во областите што се на патот на тајфунот Буалој, кој се движи со брзина на ветер од 133 километри на час.
Буалој, кој претходно предизвика најмалку десет смртни случаи и разорни поплави на Филипините, се очекува во текот на денот да удри во централниот дел од Виетнам. Според Националната метеоролошка агенција, станува збор за исклучително брза и силна бура со широк опсег на влијание, способна истовремено да предизвика силни ветрови, обилни врнежи, поплави, лизгање на земјиште и крајбрежни поплави.
Во централната покраина Ха Тин започна евакуација на повеќе од 15.000 жители, а илјадници војници се во состојба на готовност за да помогнат. Виетнамската Влада потврди дека се стопирани летови на четири крајбрежни аеродроми, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Дананг. Во меѓувреме, обилните дождови веќе предизвикаа поплави во Хуе и Куанг Три.
И Кина е во состојба на готовност – градот Сања во покраината Хајнан подготвува мерки за заштита, бидејќи Буалој, 20-тиот тајфун оваа година, се движи и кон јужниот дел на островот.







