Рано утринава, пред заминувањето од самитот со Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин ги посети гробиштата на советските војници во Енкориџ, Алјаска, јави ДПА.
На Националните гробишта „Форт Ричардсон“ тој положи црвени рози на белите камени крстови. Таму се погребани советски пилоти кои загинале во Втората светска војна управувајќи американски авиони предадени на сојузничкиот Советски Сојуз.
Во заедничката изјава со Трамп, Путин се заблагодари за грижата околу одржувањето на гробиштата и истакна дека сеќавањето на заедничката борба против непријателите може да биде потсетник за денешното соработување.
За време на посетата, тој се сретна и со архиепископот на Руската православна црква во Алјаска, кому подари две икони, пренесоа руските агенции.
Алјаска, која некогаш била руска колонија, е продадена на САД во 1867 година. Според руските медиуми, престојот на Путин во САД траел околу пет часа.
Иако темата на разговорите со Трамп главно била војната во Украина, двајцата лидери не открија детали од постигнатото, јави ДПА.







