Последните протести и насилните сцени во Белград, Нови Сад и други градови ја потресоа меѓународната јавност. Европските медиуми објавија фотографии и извештаи, а институциите во Брисел постепено ја согледуваат сериозноста на состојбата.
Претседателот Александар Вучиќ изјави дека повлекувањето на активистите на Српската напредна странка (СНС) од просториите во Нови Сад е силна порака до Западот дека власта не стои зад уличното насилство. „Сега ЕУ нема да може лицемерно да обвинува“, рече Вучиќ.
Но, поранешниот дипломат Душко Лопандиќ оцени дека за насилството е одговорна власта: „Кога проценија дека можат, тие го започнаа насилството.“ Тој предупреди дека ќе следи посилна реакција на Западот, бидејќи Вучиќ бил предупреден дека насилство не смее да се толерира.
Европската комесарка за проширување порача дека напредокот на Србија кон ЕУ зависи од слободата на граѓаните и медиумите. Европските функционери го оценија насилството како „загрижувачко“.
Големите медиуми како „Фајненшл тајмс“, „Дојче веле“, „Ројтерс“ и „Гардијан“ го поврзаа насилството со деветмесечните демонстрации и нападот врз граѓани во Врбас. „Гардијан“ го нарече Вучиќ „популист кој одбива да распише избори“.
Лидерот на СНС, Милош Вучевиќ, реагираше на критиките од Брисел со коментар: „Подобро да не зборувам за тие бирократи.“
Додека ја обвинува Европа за лицемерие, Вучиќ најави средби со Владимир Путин и Си Џинпинг.







