Воената контраразузнавачка служба на Службата за безбедност на Украина (СБУ) ја разоткри шпионската мрежа поврзана со руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), која планирала координирани ракетни напади врз клучната одбранбена инфраструктура во Одеската област.
За време на специјалната операција, приведени се пет лица, меѓу кои и лидерот на групата, чувар на локална школа за боречки вештини, објави украинската новинска агенција „Укринформ“.
Според истрагата, лидерот бил регрутиран преку познаник од Крим, поврзан со руските служби и со поранешниот пратеник Игор Морков.
Членовите на мрежата, меѓу кои тренер, таксист и продавачка, собирале информации за складишта на муниција, противвоздушни единици и движење на воени конвои, кои ги пренесувале шифрирано до ФСБ. Целта била да се овозможи прецизно гаѓање на украински цели и да се избегне противвоздушната одбрана.
Сите приведени се обвинети за предавство и шпионажа, а доколку бидат осудени, им се заканува доживотен затвор и одземање на имотот.






