Директорот на Воено-безбедносната агенција (ВБА) на Србија, генерал-потполковник Ѓуро Јованиќ, соопшти дека за време на синоќешните инциденти во Нови Сад, кога дошло до судир меѓу демонстранти и приврзаници на режимот на Александар Вучиќ, повредени биле седум припадници на Војската на Србија. Четворица од нив здобиле потешки повреди.
Според Јованиќ, војската и другите надлежни служби во моментов работат на идентификација на напаѓачите.
– Група непознати лица беше предупредена дека пред нив стојат припадници на војската, но напаѓачите не се повлекоа. Нашите луѓе пружија пасивен отпор користејќи балистички штит – изјави тој, додавајќи дека овластено службено лице испукало предупредувачки куршум во воздух.
Јованиќ нагласи дека постапката на војниците била во целосна согласност со прописите, а пукањето не било насочено кон загрозување на нечии животи, туку кон спречување опасност по животот на припадниците на Војската на Србија.
Заставникот Владимир Бркушанин објасни дека токму тој го испукал куршумот во воздух за време на протестите, со цел да се заштити себе и своите колеги.
– Употребив огнено оружје и испукав куршум во воздух, во безбеден правец. Во истиот момент, напаѓачите се разбегаа. Цврсто стојам зад тоа дека доколку тоа не го сторев, последиците за мене и моите колеги ќе беа далеку потешки – изјави Бркушанин.
Тој наведе дека бил на редовна задача за обезбедување на одредено лице, кога група од речиси сто лица ги нападнала.
– Напаѓачите беа вооружени со метални и дрвени палки, пиротехнички средства, факели и камења. Не опколија од три страни, а зад нас имаше ѕид. Проценката беше дека употребата на огнено оружје е единствениот начин да ги заштитиме своите животи – додаде Бркушанин.






