Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека неговата земја би можела да ја бомбардира Газа „како што сојузниците го бомбардираа Дрезден“ во Втората светска војна, но дека тоа не го прави бидејќи, како што тврди, е насочена исклучиво кон борба против терористите.
„Можевме да ги бомбардираме како што сојузниците во Втората светска војна го бомбардираа Дрезден. Можевме да ги изгладнеме, доколку ги следевме клеветите и лагите што се шират против Израел, и тогаш никој веќе немаше да биде жив“, изјави Нетанјаху во интервју за американската телевизија „Њузмакс“, одговарајќи на прашање зошто Израел не го „избрише Хамас и Газа од мапата“.
Тој додаде дека, и покрај критиките, Израел се обидува да го премести населението, да ги одвои цивилите од борците и да ги таргетира исклучиво милитантите.
Меѓутоа, според податоците на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, од октомври 2023 година се уништени повеќе од 89 отсто од објектите во Рафа и 84 отсто во северна Газа.
Палестинските извори наведуваат дека, до август оваа година, во израелските напади загинале најмалку 61.722 лица, а 154.525 биле повредени.







