Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да прифати преговори за делумен прекин на огнот и договор за ослободување на дел од заложниците со палестинската милитантна група Хамас, објави израелскиот „Канал 12“, повикувајќи се на неименувани извори блиски до премиерот.
Нетанјаху е подготвен да разговара единствено за сеопфатен договор што би го завршил војниот конфликт под условите што ќе ги постави Израел и би обезбедил ослободување на сите преостанати заложници.
„Премиерот би преговарал само за завршување на војната под нашите услови и единствено ако сите заложници бидат вратени. Дотогаш, нема да учествуваме во никакви преговори,“ наведуваат изворите, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Позицијата на Нетанјаху околу можноста за делумен или целосен договор беше нејасна по седницата на безбедносниот кабинет минатата недела, кога беше донесена одлука за заземање на градот Газа. Сега, според „Канал 12“, премиерот се приклонува кон ставот на својот главен советник, министерот за стратешки прашања Рон Дермер, кој се противи на било какви делумни договори.
Безбедносниот кабинет го одобри планот на Нетанјаху за преземање контрола врз Газа од страна на Израелските одбранбени сили (ЦАХАЛ). Планот предвидува влез на израелските сили во северниот дел на енклавата, со обезбедување на хуманитарна помош за цивилите надвор од борбените зони. Операцијата, според проценките, може да предизвика масовна евакуација на околу 800.000 лица.







