Судењето против американскиот претседател Доналд Трамп, покренато од државата Калифорнија, започна синоќа со сведочење на армискиот генерал Скот Шерман. Тој изјави дека 700 маринци и 4.000 припадници на Националната гарда биле испратени во јуни за заштита на федералниот имот, иако разузнавањето проценило дека опасност нема.
Распоредувањето следеше по насилните протести против рациите врз имигранти, без барање од демократскиот гувернер Гевин Њусом. Државниот обвинител Роб Бонта тврди дека околу 300 војници сè уште спроведуваат рации и го ограничуваат движењето на цивилите, што е спротивно на законот од 1878 година, кој забранува употреба на војската за спроведување цивилно право.
Тужбата бара Националната гарда да се врати под федерална контрола и постапките на Трамп да се прогласат за нелегални. Од Белата куќа возвратија дека војската била испратена само за заштита на федералните објекти и агентите на ICE.
Во исто време, Трамп најави слични мерки во Вашингтон и други градови, иако статистиката покажува дека криминалот во главниот град минатата година бил на најниско ниво во три децении.






