Италијанските пожарникари денес, 10 август, се борат со пожарите на падините на вулканот Везув, поради што сите планински патеки во близина на Наполи се затворени за туристи. Огнот беснее од петокот, а на терен се испратени дванаесет екипи, меѓу кои и шест противпожарни авиони „Канадер“.
Во акцијата е повикана помош и од други делови на Италија, пренесе Франс Прес. Управата на Националниот парк Везув соопшти дека, од безбедносни причини и за олеснување на гаснењето, сите активности на патеките се прекинуваат до понатамошно известување.
Минатата година кратерот на Везув го посетиле околу 620 илјади туристи. Денес чадот од пожарите беше видлив и од археолошкиот локалитет Помпеја, кој сепак остана отворен за посетители.
Во исто време, на островот Сицилија се активираше и вулканот Етна. Според Corriere della Sera, ерупцијата се случила на надморска височина од над 3.000 метри, што, иако не е невообичаено за овој вулкан, дополнително го зголеми вниманието на јавноста.







