Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел има намера да ја преземе целосната воена контрола врз Појасот Газа, изјава што предизвика остра реакција и во земјата и на меѓународната сцена, поради продолжениот и разорен конфликт што трае речиси две години.
„Тоа е нашата намера“, изјави Нетанјаху во интервју за Fox News, одговарајќи на прашање дали Израел ќе ја заземе целата територија на палестинската енклава. Тој појасни дека Израел не сака трајно да ја задржи контролата ниту да управува со Газа, туку сака да воспостави безбедносен периметар и да ја предаде територијата на арапски сили.
Сепак, премиерот не наведе кои арапски земји би биле вклучени во таква операција, ниту дали постои договор за такво сценарио. Коментарите беа дадени непосредно пред состанокот на израелскиот безбедносен кабинет, на кој се разгледуваат планови за дополнително проширување на операциите во Газа. Одлуката за тоа, според извори во владата, може да се донесе дури во недела.
Предложената контрола би значела укинување на израелската одлука од 2005 година за повлекување од Газа, кога беа евакуирани израелските војници и население, но Израел задржа контрола врз границите, воздушниот простор и клучните услуги.
Палестинската група Хамас го осуди планот, нарекувајќи го „бесрамен удар врз преговарачкиот процес“. „Нетанјаху го продолжува конфликтот и ги жртвува заложниците“, се наведува во нивното соопштение. Од Хамас додаваат дека ќе ја третираат секоја сила што би управувала со Газа по наредба на Израел како „окупаторска“.
Јордански државен извор за Reuters изјави дека арапските земји ќе поддржат само решение што ќе биде договорено со самите Палестинци. ОН предупредија дека евентуалното проширување на израелските операции е „длабоко загрижувачко“.
Во меѓувреме, стотици граѓани протестираа пред кабинетот на премиерот во Ерусалим, барајќи итен прекин на воената офанзива во замена за ослободување на сите израелски заложници.






