Македонија повторно влегува во период на екстремно високи температури, со стабилно, суво и сончево време низ целата земја. Според метеорологот Славчо Попоски, нов топлотен бран пристигнува од северна Африка, носејќи со себе жежок и сув воздух.
Во следните денови температурите ќе се искачуваат од 32 до 39 степени Целзиусови, а на одредени локации се очекува да достигнат и до 40 степени. Во Скопје и околината максималните температури ќе се движат околу 37 степени. Повремено ќе дува засилен северен и североисточен ветер, кој ќе донесе делумно освежување.
Иако станува збор за нов топлотен бран, Попоски посочува дека тој ќе биде со нешто послаб интензитет од претходниот, кога беа забележани рекордни температури низ државата. Властите апелираат на претпазливост, особено во текот на најтоплите часови од денот.







