Франција се соочува со најголемиот шумски пожар во последните осум децении, при што речиси 2.000 пожарникари цела ноќ се бореа да ја стават огнената стихија под контрола.
Досега е потврдена една жртва, а повеќе лица се повредени. Огнот, поттикнат од високите температури и силниот ветер, уништи најмалку 25 куќи и опустоши околу 15.000 хектари шума и нискостеблеста вегетација.
Властите затворија голем број патишта, а илјадници жители и туристи беа навреме евакуирани од загрозените подрачја.
– Никогаш досега не сме виделе ваков пожар. Сите се прашуваме што ќе се случи понатаму, дали огнот ќе ја зафати и нашата куќа – изјави Мишел Дајнак, жител на регионот Од.
– Среќни сме што пожарникарите се тука и се обидуваат да ни помогнат. Дојдоа од цела Франција и ги ризикуваат своите животи. Сакам да им се заблагодарам во име на сите жители – додаде Брахим Кампези, исто така од регионот Од.
Француските власти остануваат во состојба на готовност, додека пожарот сè уште не е целосно локализиран. Времето во следните денови ќе биде клучен фактор во справувањето со кризата.






