Украинските залихи на гас на најниско ниво во последните 12 години: потребен итен увоз пред зимата
Залихите на природен гас во Украина се на најниско ниво во последните дванаесет години, покажуваат најновите податоци на независната аналитичка агенција „Експро“, објавени денес.
Според извештајот, украинските складишта моментално располагаат со само 10 милијарди кубни метри гас, што претставува пополнетост од само 32,3 проценти. Во споредба со истиот период минатата година, тоа е пад од девет отсто.
Украинското Министерство за енергетика претходно предупреди дека за стабилно и безбедно снабдување во текот на грејната сезона 2025/26 ќе бидат потребни најмалку 13 милијарди кубни метри гас, пренесе „Ројтерс“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, неодамна ја обвини Русија дека намерно ги саботира подготовките за зимата. Оваа реакција доаѓа по рускиот напад во кој беше оштетен клучен гасен објект во областа Одеса.
Станува збор за интерконектор кој се користи за испорака на гас од САД и Азербејџан, преку Бугарија и Романија. Засега не е јасно какви ќе бидат последиците од нападот врз понатамошниот увоз и складирањето на енергенсот.
Министерството за енергетика проценува дека Украина ќе мора дополнително да увезе најмалку 4,6 милијарди кубни метри гас за да ја преживее претстојната зима без прекини во снабдувањето.







