Дирекцијата за заштита и спасување информира дека денеска од земјава заминува словенечкиот тим од 61 пожарникар специјализиран за гаснење на шумски пожари, со 18 возила.
„Во завршниот збор им се заблагодарив од име на македонската влада и македонските граѓани, а од име на Дирекцијата за заштита и спасување им доделив пригодни благодарници“, изјави директорот Стојанче Ангелов. Тој најави дека утре ќе замине и чешкиот хеликоптер „Блек Хок“ со седумчлена посада.
Во меѓувреме, рано утрово со полициски хеликоптер беа пренесени екипи на Национални Шуми и неколку доброволци ловци во реонот на село Стровија, општина Долнени, на местото викано Гајдарец – Клепало. За само неколку часа, пожарот на планинскиот гребен зафатен со сува и висока трева бил целосно изгаснат.
Ангелов информираше дека пожарот на планината Готен е исто така ставен под контрола — изгаснат е и од радовишката и од беровската страна. Во овој момент, нема активни пожари на територијата на државата.






