АМСМ информира дека интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од урбаните средини е зголемен, главно поради летните одмори. На граничните премини се бележи зголемена фреквенција на возила – на ГП Табановце чекањето изнесува околу 40 минути, додека на ГП Богородица и ГП Дојран за влез во државата се чека и до еден час.
Од македонска страна, на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Поради градежни активности на вијадуктот кај Сарички Дол, на државниот пат А1 (делницата Градско – Прилеп), од 03 август (недела) во 07:00 часот до 06 август (среда), ќе биде целосно затворен дел од обиколницата на Прилеп — од раскрсницата кај бензинската станица „Лукоил“ до клучката кај бензинската „Салида“. Сообраќајот ќе биде пренасочен низ градот Прилеп.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни при возење низ котлини, речни долини и клисури, каде постои опасност од одрони.






