Источниот дел на Русија утрово повторно беше погоден од силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала, јавува Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC). Земјотресот се случил во близина на јужниот брег на полуостровот Камчатка, со епицентар на длабочина од околу 40 километри.
Ова е најсилниот потрес по катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 8,8 степени што го погоди регионот на 30 јули, еден од најсилните во историјата на тој дел од светот. По тој настан следеа стотици афтершокови, некои со јачина до 6,5 степени.
Дополнително, во текот на денешното утро е регистриран уште еден земјотрес – со магнитуда од 6,5 степени според Меркалиевата скала, во близина на Северокурилск, на островот Парамушир во Сахалинската област. Според Елена Семјонова, раководител на сеизмолошката станица „Јужен Сахалинск“, потресот бил почувствуван од жителите со интензитет од четири степени.
Засега нема информации за повредени или значителна материјална штета, но локалните власти повикуваат на претпазливост поради ризик од нови потреси и можно цунами. Сеизмолозите предупредуваат дека подрачјето останува нестабилно и се очекуваат дополнителни афтершокови во наредните денови.







