Голем шумски пожар избувна денеска во близина на грчкиот град Дескати, при што властите евакуираа камп во кој престојувале 55 деца. Според информациите на државната телевизија ЕРТ, пожарот се движи кон планината Вунаса и засега не претставува директна закана за населени места.
Градоначалникот на Дескати, Димитрис Котас, соопшти дека евакуацијата на децата е превентивна мерка и нагласи дека ситуацијата е сериозна, но под контрола.
„Пожарот се движи кон запад, кон областа Гревена. Засега нема закана за градовите, но поради силниот ветер и теренот, го окарактеризиравме како неконтролиран“, изјави Котас, додавајќи дека се надева на стабилизирање до крајот на денот.
На терен се ангажирани 45 пожарникари со 11 возила, три планински тимови од 8-та специјална единица за итни случаи (Е.М.О.Д.Е.) и два хеликоптера. Во гаснењето помагаат и локални водовозни цистерни.
Пожарот се шири во поширокиот регион западно од градот Катерини, каде властите остануваат во готовност поради ризикот од негово проширување.







