Во изминатите 24 часа низ цела Албанија се регистрирани 45 пожари, од кои 21 се сè уште активни, 16 се под мониторинг, а 8 се изгаснати, соопштија надлежните институции. Најкритична е ситуацијата на југот од земјата, каде што пожарите зафатија густо населени и туристички атрактивни области.
Во рамките на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, противпожарен авион „Канадер“ полета од Италија и се вклучи во воздушните операции за гаснење во областите Борш, Пиќерас и Лукове. Министерството за одбрана информираше дека таму ситуацијата е најтешка.
Во Борш, огнот се приближи до самата плажа, а патот Химара–Саранда во близина на населбата е затворен за сообраќај. Евакуирани се жители чии домови се во директна опасност, како и туристи сместени во локални хотели.
Пожарите направија голема материјална и еколошка штета. Министерството објави снимка од уништената природа во селото Канин кај Делвина, по гаснењето на еден од пожарите.
Полицијата информираше дека е уапсен 63-годишен маж кој предизвикал пожар во Националниот парк „Дајти“, при што изгореле 600 хектари вегетација и природни површини.






