Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) објави дека извршила масовен кибер-напад врз администрацијата на руската окупациска власт на Крим, со што стекнала пристап до клучни владини сервери, украла огромна количина тајни информации и потоа ги уништила сите податоци на инфицираните системи.
Според соопштението на ГУР, операцијата траела неколку дена и започнала со моќен DDoS напад кој целосно ја парализирал информациската инфраструктура на полуостровот. Додека окупациските структури се обидувале да го утврдат изворот на нападот, украинските хакери незабележливо се инфилтрирале во внатрешните портали на самопрогласената „Руска Република Крим“.
Во текот на само два дена, тимот на ГУР успеал да преземе околу 100 терабајти строго доверливи документи, вклучително и информации за руската воена инфраструктура и логистичките рути за снабдување на руските сили на Крим. Пристап бил добиен до повеќе критични системи за управување со документи и внатрешна комуникација, како „DIALOG“, „SED“, „Delo“, „1C:Document Management“, „Directum“ и „Atlas“.
– Наскоро ќе бидат обелоденети експлозивни детали за активностите и злосторствата на руските окупатори. Посебна „благодарност“ упатуваме до Антон Љасковски, заменик министер за здравство на окупациската власт, кој несвесно помогна во извршувањето на операцијата – изјавил анонимен извор за Kyiv Post.
По извлекувањето на податоците, украинските хакери ги избришале сите информации на серверите на регионалните институции, министерства и агенции на полуостровот. Руските власти на Крим потврдија дека се соочуваат со големи технички проблеми, но негираа поголема штета и најавија „мерки за обнова“.
Крим се наоѓа под руска окупација од 2014 година и во меѓувреме е претворен во силно милитаризирана зона која Русија ја користи како логистичка база во војната против Украина. Овој кибер-напад, според аналитичари, претставува еден од најголемите дигитални удари врз окупираната територија од почетокот на војната.







