СВР Битола поднесе кривични пријави против две лица од Битола, И.О. (34) и Ј.О. (34), поради основано сомнение за сторени кривични дела поврзани со измама и фалсификување документи.
Првопријавената И.О. се сомничи дека лажно се претставила како овластено лице – претседател на Здружение за коњички спортови и заштита на коњи од Битола, со што довела во заблуда правен субјект од Куманово и негов локален застапник – дистрибутер од Битола. Според полицијата, И.О. не го подмирила долгот за испорака на производи и на тој начин нанела штета во износ од 570.000 денари.
Второпријавената Ј.О., пак, со помош на мобилна апликација, извршила преправка на тековната состојба на Здружението, конкретно во делот за овластени лица, со намера документот да биде употребен како вистинит.
Фалсификуваната исправа била искористена од страна на И.О. како доказ во правниот сообраќај, со што се склучил договор за соработка на 9 април 2024 година, а дистрибутерот од Битола ја извршил испораката на производите.
Полицијата продолжува со постапката за целосно расветлување на случајот.






