Двајца малолетни велосипедисти од Исланд, учесници на Младинските европски олимписки игри, се повредени во сообраќајна несреќа што се случила во близина на селото Зубовце, општина Липково.
Како што информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово, несреќата се случила кога патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Н.Б. од Куманово, удрило во двајцата велосипедисти додека се подготвувале за денешната велосипедска трка.
Повредените спортисти биле итно пренесени во Општата болница во Куманово, каде што им биле констатирани телесни повреди.
На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Куманово, а надлежните работат на целосно расчистување на случајот.






