Русија и Украина денеска ја започнаа третата рунда директни мировни преговори во Истанбул, објави руската агенција ТАСС. Двете делегации пристигнаа во главниот град на Турција, но претставниците веќе најавија дека разговорите нема да бидат лесни.
Кремљ соопшти дека очекува тешки преговори, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нема високи очекувања, потенцирајќи дека прекин на огнот не е на дневен ред.
Фокусот на денешниот состанок е ставен на напредокот во враќањето на украинските воени заробеници и децата кои биле однесени во Русија, како и на подготовките за можна средба на претседателско ниво.
Претходните две рунди, одржани на 16 мај и 2 јуни исто така во Истанбул, не донесоа напредок околу прекин на огнот, туку завршија само со договори за размена на заробеници и репатријација на посмртни останки.
Состанокот е резултат на зголемениот притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна јавно ја критикуваше Русија за неуспешните напори да се стави крај на конфликтот и дури најави можни санкции.
Додека Киев бара безусловен прекин на огнот како предуслов за мировни преговори, Москва сè уште инсистира на целосно повлекување на украинските сили од териториите што ги анектираше.
Руската делегација повторно ја предводи претседателскиот советник и поранешен министер за култура Владимир Медински, додека украинската делегација е предводена од поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој сега раководи со Советот за национална безбедност и одбрана.







