Од вкупно 36 обвинети во предметот „Синдром“, 13 лица склучиле спогодби со Обвинителството за организиран криминал и веќе добиле судски пресуди. Првообвинетата доби затворска казна од три години и шест месеци, а и се конфискувани 15.000 евра, стекнати како противправна корист.
Случајот „Синдром“ откри две организирани криминални групи, во кои учествувале лекари, адвокат и службеници од јавни институции. Тие посредувале и незаконски овозможувале добивање права за туѓа нега и инвалидска пензија во замена за суми од 150 до 5.000 евра. Според обвинителниот акт, тие го користеле своето службено влијание за издавање лажни медицински мислења и решенија, со што биле заобиколени одредбите од Законот за социјална заштита.
Обвинителството утврди дека групите дејствувале во текот на 2023 и до април 2024 година, кога беа откриени. Од десеттемина обвинети, некои се товарат за злосторничко здружување, давање и примање поткуп, како и примање награда за противзаконито влијание. Кај останатите 19 лица се работи за поткуп и награда за влијание.
За дел од обвинетите кои склучиле спогодби, судот изрече условни казни од 1 до 2 години затвор, под услов да не сторат ново кривично дело во рок од три до пет години. На неколкумина им е одземена и противправната имотна корист – во еден случај надоместок за туѓа нега во износ од 36.520 денари, а во друг случај 2.360 евра и 81.000 денари.
Обвинителството предложи продолжување на притворот за петмина обвинети и куќен притвор за уште пет лица. За останатите се предложени мерки на претпазливост.






