Киев и Одеса се под најжестоките руски напади од почетокот на инвазијата врз Украина пред три години. Русија користи стотици дронови и ракети во координирани напади, кои според аналитичарите, имаат цел да ја ослабат одбраната и да го деморализираат украинското население.
Само во една ноќ на 4 јули, Русија лансираше над 500 дронови и ракети од типот „Кинжал“ и „Искандер“, што украинските медиуми го нарекоа „ноќта на пеколот“. Сличен напад следуваше на 11 јули врз Одеса, каде беше погодена зградата на Рекрутниот центар и неколку станбени објекти. Ден претходно, во напад врз Киев загинаа најмалку две лица, а беше уништена и амбуланта.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој досега се позиционираше како можен посредник меѓу Киев и Москва, изјави дека е „разочаран од Русија“ и ја заостри реториката кон Кремљ: „Путин ни продава куп лаги“, рече Трамп.
Според Deutsche Welle, руската офанзива добива нова димензија благодарение на домашната масовна продукција на дронови. Стручњакот за воена технологија, Дејвид Хамблинг, вели дека Русија можеби произведува „десетици илјади дронови месечно“, доволно за да ја преоптовари украинската воздушна одбрана. Освен домашното производство, Москва добива компоненти од Кина и балистички ракети од Северна Кореја.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека целта на Москва е тероризирање на цивилите и присилно напуштање на Украина. „Путин сака луѓето да страдаат и да бегаат. Тој сака да го уништи нивниот живот, не само на фронтот, туку секаде“, рече Зеленски.
Аналитичарите предупредуваат дека ова може да биде најава за нова руска летна офанзива. Целта, според германскиот политолог Хајнеман-Гридер, е да се ослаби украинската ПВО до степен каде западната помош нема да може да ги надомести загубите, што би довело до „решавачка битка“ до крајот на годинава.
Западот, според воените експерти, мора да одговори поодлучно. Украина веќе развива пресретнувачки дронови, но останува зависна од западна воена поддршка, особено од системите „Патриот“. Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека Германија е подготвена да ги купи системите од САД за Украина, додека Трамп најави нова испорака на „многу софистицирано оружје“, кое ќе го финансира НАТО.
Аналитичарите сметаат дека Западот мора да ги надмине стравовите од губење технолошка предност и ценовна конкуренција. „Тоа размислување мора да се надмине“, порача Хајнеман-Гридер.






