Израелската армија денес соопшти дека нападнала сириски тенкови во јужниот дел на земјата, каде што владини сили и бедуински племиња се судрија со милиции предводени од припадници на друшката заедница, во еден од најжестоките конфликти по повеќе од една деценија граѓанска војна.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, изјави дека нападите биле предупредување до „новиот сириски режим“ и порака дека „Израел нема да дозволи напади врз Друзите во Сирија“. Израелските Друзи се сметаат за лојална малцинска заедница и често служат во армијата.
Судирите избувнале во провинцијата Свејда, каде што според сириското Министерство за внатрешни работи загинале над 30 лица, а речиси 100 се повредени. Сириската опсерваторија за човекови права објави бројка од најмалку 99 мртви, вклучително и деца и војници.
Конфликтот започнал по киднапирање на друшки трговец од страна на бедуинска група, што предизвикало бран одмазднички напади и натамошни киднапирања. Дел од државните безбедносни сили, според извештаите, давале поддршка на бедуинските вооружени формации.
Сириската армија денес влезе во Свејда во обид да воспостави контрола. Властите негираат дека конфликтот има секташка основа и наведуваат дека се борат против криминални групи, а не против одредени етнички или верски заедници.
Од друга страна, духовниот лидер на друшката заедница, шеик Хикмат ел-Хиџри, повика на меѓународна заштита, обвинувајќи ги државните сили за соработка со екстремистички групи.
Воениот и политичкиот вакуум што настана по бегството на поранешниот претседател Башар ал-Асад во декември, го зголеми влијанието на новите власти во Дамаск, но и недовербата кај локалните заедници, вклучувајќи ја и друшката.
Обединетите нации изразија длабока загриженост за ескалацијата и ги повикаа страните да ги заштитат цивилите и да го обноват мирот.







