Претседателот на САД, Доналд Трамп, наводно го прашал украинскиот претседател Володимир Зеленски зошто Украина сè уште не ја нападнала Москва. Ова прашање било дел од телефонски разговор меѓу двајцата лидери минатата недела, при што Трамп побарал Киев да изврши посилен притисок врз рускиот претседател Владимир Путин, вклучително и можни напади врз главниот град Москва и Санкт Петербург.
Овие наводи ги објави новинарот Дејвид Игнашиус во своја колумна за The Washington Post, повикувајќи се на извори блиски до разговорот.
„Трамп го праша Зеленски зошто Украина не ја нападнала Москва. Зеленски одговори: ‘Можеме, ако ни дадете оружје’. На тоа, Трамп му порача дека Украина мора да изврши поголем притисок, не само врз Москва, туку и врз Санкт Петербург“, наведува Игнашиус.
Томахавк за Украина?
Покрај тоа, Игнашиус пишува дека во Белата куќа се разговарало и за можноста Украина да добие крстосувачки ракети „Томахавк“ – истите што неодамна беа користени против цели во Иран. Според него, доколку се лансираат од украинска територија, овие ракети би можеле директно да ја погодат Москва или Санкт Петербург.
Сепак, до петокот, ракетите Томахавк биле привремено отстранети од листата за испорака, но не се исклучува нивна понатамошна употреба ако Трамп посака да го зголеми притисокот врз Русија.
Зошто Трамп е решен да оди на ескалација?
Според изворите на „Вашингтон пост“, Трамп одлучил да оди на патот на ескалација поради три причини:
Смета дека Путин не го почитува и се преправа дека сака мир, додека истовремено го игнорира неговиот повик за примирје.
Бил охрабрен од ефикасноста на американската воена моќ во Иран, каде што беа употребени Б-2 бомбардери и Томахавк ракети.
Верува дека Путин ќе седне на преговарачка маса само под сериозна воена закана.
„Како што велат самите Руси, Трамп одлучи да ‘ескалира за да деескалира’“, пишува Игнашиус, додавајќи дека ваквиот пристап носи сериозни ризици, чии последици сè уште се непознати.
Неодговорено прашање во Овалната соба
Новинарот открива дека единственото прашање на кое Трамп одбил да одговори на неодамнешна седница во Овалната соба било: „Ако Путин одлучи да одговори со дополнителна ескалација, колку сте подготвени да одите?“
Трамп остро возвратил: „Не ми поставувај такво прашање. До каде?“ и заклучил: „Јас само сакам оваа војна да заврши.“







